Понекогаш во животот се наоѓаме во ситуација каде што не знаеме “што да правиме со себе”. Позната состојба за мене. Можам да сведочим дека ова им се случува на луѓе кои се задушени од рана возраст, строго воспитани да ги слушаат своите постари и да го прават само она што им е кажано. Задоволувањето на другите и послушноста стануваат програма која нè води низ животот, нашата сопствена волја и автентичност се длабоко потиснати и задушени, до точка да не можеме да одлучиме каде сакаме или не сакаме да одиме, што сакаме или не сакаме да правиме.
Донесување на одлуки во таква состојба е невозможна мисија, поврзана со анксиозност, несигурност и страв од грешки. Такви одлуки ќе предизвикаат куп критики и обезвреднувања и од околината и од самите себеси. А јас и јас треба да сме во истиот тим, зарем не? Треба да си го чуваме грбот и да си бидеме најголема поддршка.
Многу често, неподносливите надворешни ситуации не соочуваат со вистината за нашата состојба и ни даваат ветер во грбот да истражуваме во таа насока и да промениме нешто. И почнувам, чекор по чекор, од наједноставните работи. За почеток, ја кажувам мојата вистина. Секој блог – камен на патот на животот. Да се запознаеш себеси станува интересна задача, да го запознаеш тој непознат кој е потиснат и заклучен во соба, молчаливиот чудак кој не смее ни да вдише погласно за да не вознемири некого со своето присуство.
Ја отворам прашливата врата, зарасната во пајажина. Тоа е местото каде што лежам. Светлината плаши, но да се остане во темнина е неподносливо. Патоказ кон целосност. Каде одиме?